Корисничко име Лозинка Пријави се
22.1.2015

Едегор го избра Реал Мадрид

Норвешкото чудо од дете Мартин Едегор ќе стане нов играч на Реал Мадрид, пишува во соопштението на интернет-страницата на актуелниот шампион на Европа.

Едегор доаѓа од норвешкиот Стромсгодсет, а по големата потрага ширум Европа, го одбра кралскиот клуб.
На официјалната интернет-страница на Реал, малку по полноќ, е објавено дека официјалното претставување е закажано за денес во 13.30 часот, откако играчот ќе ги помине медицинските прегледи.
„Реал Мадрид и Стромсгодсет постигнаа договор околу трансферот на Мартин Едегор. По медицинските прегледи, играчот ќе одржи конференција за медиумите заедно со Емилио Бутрагењо, денес во 13.30 часот“, стои на интернет-страницата на „кралевите“.
Како што пренесуваат некои медиуми, 16-годишниот талентиран фудбалер ќе тренира со првиот тим на Реал, но ќе игра за тимот Б, додека неговиот татко Ханс Ерик ќе биде тренер во младинскиот тим.
Мартин Овенстад, поранешниот соиграч и пријател на Едегор, за норвешката телевизија „ТВ2“ изјави дека му кажале дека Мартин и Кристијано се сретнале и имале необичен разговор.
„Ми кажаа дека разговарале со Кристијано, кој му рекол: ‘За неколку години ќе престанам да постигнувам олку голови и ти ќе мораш да преземеш’“, изјави Овенстад.
Едегор последните месеци го бараа сите европски клубови, посебно се истакнуваа Ливерпул и Баерн Минхен (германските медиуми пренесоа дека сигурно ќе отиде во Баварија), но тој го избра Мадрид.
Исто така, се појави информација дека мадриѓаните ќе му платат дури 20-30 милиони евра на неговото семејство за доаѓањето на Едегор, што за играч на тие години е преголема цифра. Нема сомнение дека голем дел од парите ќе отидат и кај Стромсгодсет.
Едегор влезе во историјата на националниот фудбал во Норвешка откако дебитираше за А селекцијата на 15 години и 253 дена во натпреварот против Обединетите Арапски Емирати.

Најнови вести