Корисничко име Лозинка Пријави се
24.2.2015

Играчите на Парма на свој трошок на натпревар

Алесандро Лукарели, капитенот на Парма, изјави дека играчите се подготвени на свој трошок да отпатуваат во Џенова и да го продолжат натпреварувањето во Серија А.

Парма го одложи натпреварот од претходното коло против Удинезе на свој терен бидејќи клубот поради катастрофалната финансиска ситуација не беше во можност да ги плати трошоците.
„Почнуваме со подготовки за натпреварот против Џенова и доколку нема да има организиран превоз, ќе се собереме во пет или шест автомобили и така ќе отпатуваме“, изјави Лукарели.
Тој потсети дека Парма се наоѓа на дното на табелата со десет бода, дека играчите не примиле плата цела сезона, а клубот кој за два месеца два пати го менуваше раководството е во опасност да не ја заврши сезоната.
„Подготвени сме да играме, а сакаме да се почувствуваме заштитени, мора да постои почитување кон Парма за да се зачува регуларноста на шампионатот“, изјави Лукарели, кој за клубот одигра повеќе од 200 натпревари.
Лукарели покрај поранешната управа, за хаосот ги обвини и институциите, пред сè Фудбалскиот сојуз на Италија, кој дозволил бројни сомнителни трансакции во Парма, а пред неколку дена изјави дека е подготвен да игра за Парма и во аматерскиот ранг доколку тоа би било неопходно.
Помош за Парма во износ од пет милиони евра најави Фудбалскиот сојуз на Италија, додека Масимо Фереро, претседателот на Сампдорија, ги повика челниците на сите клубови од Серија А да ѝ помогнат на Парма за да може клубот да ја заврши сезоната на теренот.
„Италијанскиот фудбал не смее да остане индиферентен кон ситуацијата во која се најдоа играчите на Парма“, изјави Фереро во соопштението на интернет-страницата на Сампдорија.
Натпреварот од 25-тото коло на Серија А меѓу Џенова и Парма е закажан за во недела, на први март, од 15 часот.

Најнови вести