Корисничко име Лозинка Пријави се
15.3.2015

Хамилтон доминантно до првиот триумф во новата сезона

Актуелниот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, доминираше на трката за Големата награда на Австралија со која беше отворена новата сезона.

Возачот на Мерцедес на патеката „Алберт парк“ продолжи каде што застана минатата сезона и го оствари 34-тиот триумф во кариерата.
Второто место, со седум секунди заостанување, го зазема Нико Розберг во Мерцедес, додека третото место го освои Себастијан Фетел на своето деби во Ферари.
Првата трка од новата сезона во Формула 1 шампионатот ја обележи апсолутната доминација на Мерцедес, како и грешки и проблеми на речиси сите останати тимови. Хамилтон водеше во текот на сите 58 кругови и веднаш го остави Розберг зад себе, а Германецот беше осамен на втората позиција цела трка. Фетел до третото место дојде по двобојот со Фелипе Маса во Вилијамс и со одличната тактика околу посетата на боксот.
Големата награда на Австралија не донесе многу атрактивни потези и во центарот на вниманието беа грешките и дефектите. На стартот на „Алберт парк“ се најдоа само 15 возачи, а низ целта поминаа само 11 и единствениот возач кој не освои бодови беше Џенсон Батон во Мекларен.
Раиконен и Ферстапен мораа да се откажат од трката, но не по своја вина. Финецот конечно потсети на своите стари денови, имаше и шанса да се вмеша во борба со Маса, а можеби и со Фетел, но при посетата на боксот не му беше добро зацврстено тркалото. Ферстапен влезе во историјата како најмлад возач во Формула 1 со 17 години, одлично возеше и беше меѓу освојувачите на бодови се додека не се откажа поради дефект.

Резултати на трката за Големата награда на Австралија
1. Луис Хамилтон (Мерцедес) 1:31:54.067
2. Нико Розберг (Мерцедес) + 7.640
3. Себастијан Фетел (Ферари) + 25.523
4. Фелипе Маса (Вилијамс) + 29.196
5. Фелипе Наср (Заубер) + 1:26.149
6. Даниел Рикијардо (Ред бул) + еден круг

Генерален пласман на конструктори:
1. Мерцедес 43
2. Ферари 15
3. Заубер 14
4. Вилијамс 12
5. Ред бул 8
6. Форс Индија 7

Најнови вести