Корисничко име Лозинка Пријави се
12.10.2015

Победа на Хамилтон во Сочи

Луис Хамилтон, возачот на Мерцедес, славеше на Големата награда на Русија, на 15-тата трка на овогодишниот шампионат на Формула 1.

Со овој триумф Британецот дојде до деветтата овосезонска победа, а вкупно 42-ра во кариерата, со што се изедначи со Себастијан Фетел на третата позиција на листата на победниците на сите времиња.
„Ова е посебен момент за мене, го престигнав Аиртон. Многу сум горд што сум дел од овој тим. Екипата заврши одлична работа“, изјави Хамилтон.
На второто скалило на победничкиот престол се искачи Себастијан Фетел, а на третата позиција се пласира Серхио Перез, возачот на Форс Индија. До крајот на сезоната останаа уште четири трки.
Нико Розберг, возачот на Мерцедес, кој се бори за шампионската титула, се откажа во осмиот круг откако му се скрши педалот за гас.
По трката во Сочи, екипата на Мерцедес ја одбрани титулата во конкуренцијата на конструкторите на Формула 1 - Мерцедес има 531, а Ферари 365 бодови, пред Големата награда во Америка.
Во генералниот пласман Хамилтон моментно има 302 бода, 66 повеќе од Фетел, додека Розберг остана на 229.
Луис Хамилтон во Остин, на 25-ти октомври, би можело да ја одбрани титулата ако освои 11 бодови повеќе од Фетел и два повеќе од Нико Розберг.

Најнови вести