Корисничко име Лозинка Пријави се
03.10.2018

„Штрковите“ се разлетаа и најавија атак на АБА лигата

Овој триумф може да биде многу важен ако на крајот на сезоната одлучува кош-разликата

МЗТ Скопје Аеродром и во вториот настап во втората АБА лига пред своите гледачи, покажа дека ќе биде сериозен кандидат за титула во ова натпреварување. Надигран е Борац Чачак кој важи за еден од трите најсериозни конкуренти на МЗТ за титулата во АБА 2. Конечните 82:57 покажуваат дека „сино-белите“ од Аеродром беа далеку порасположени.
Првата четвртина беше неизвесна и не баш ефикасна, доста се грешеше во шутевите за три поени, но плејмејкерот Лестер Медфорд чувствуваше дека е незапирлив за гостите и со 8 поени, му донесе предност на МЗТ од 18-10.
Во вториот период домашните ја одржуваа предноста, па и зголемуваа, а откако Дамјан Стојановски погоди во последната секунда, на пауза се замина со убава предност на МЗТ од 40-26. Во 17 минута, на повреда на скочниот зглоб се пожали Иве Иванов, кој беше најефикасен во македонскиот тим во првото полувреме. Сепак, Иванов продолжи да игра во второто полувреме.
Третата четвртина која МЗТ ја заврши со позитива од 20 поени разлика, беше клучна за конечниот исход. Инспиратор на сеирјата со која „штрковите“ се одлепија беше Дарко Соколов.
Последниот квартал донесе поопуштена игра, домашните се обидуваа да бидат и атрактивни, па малку почесто грешеа, особено од линијата за слободни, но деморализираните гости не успеваа да го намалат минусот. Медфорд со 18, Бојиќ со 15 и Вудард со 12 поени, беа најефикасни кај МЗТ.