Корисничко име Лозинка Пријави се
15.10.2018

Како малите деца: Ако не игра брат ми, нема да играм ни јас!

Бизарна беше причината поради која не сакаше да дебитира за репрезентацијата.

Леон Бејли е еден од оние играчи кои блесна во дресот на Баер Леверкузен сезонава. Благодарение на добрите игри, младиот 21-годишен играч од Јамајка доби покана за деби во националниот тим. Бејли дојде на собирот на репрезентацијата, но сепак одби да дебитира.
Ова одбивање да биде дел од репрезентацијата, многумина го поврзуваат со фактот дека играчот може да одбере за која селекција да настапи. Тој има корени од неколку земји, па има право да игра дури и за Германија, Белгија и Англија. Во селекциите на овие европски земји сигурно многу потешко ќе добие шанса, но Бејли, сепак, уште калкулира. Официјално тој откри дека одбил да настапи поради тоа што во националниот тим не бил повикан и неговиот брат. Бејли барал заедно со него во репрезентацијата да биде и помалиот брат, кој не доби покана за настап.
„Дојдов во Јамајка бидејќи добив повик од репрезентацијата. Имаме договор, но ме пречека друго сценарио. Тие не го испочитуваа договореното. Затоа и решив да не играм на овој натпревар. Дојдов да ја претставувам мојата земја, но тие не беа чесни кон мене. Подготвен сум да играм за оваа селекција, но ако нешто се договориме, очекувам тоа да биде испочитувано“, вели Бејли.
Доколку не се случи пресврт и не добие повик за настап во Германија, Белгија или Англија, играчот на Баер Леверкузен повторно може да го облече дресот на Јамајка на 17-ти ноември. За тој ден е закажан дуелот против Суринам, но многу веројатно дека тогаш во репрезентацијата ќе биде и помалиот брат на Леон Бејли.