Корисничко име Лозинка Пријави се
03.5.2016

Раниери: Следната сезона ќе се бориме за 10-тото место

Менаџерот на Лестер Клаудио Раниери по освојувањето на Премиер лигата изјави дека трофејот во најсилната лига во светот е круна на неговата кариера.

Искусниот италијански стручњак предводеше голем број на врвни тимови во текот на претходните речиси три децении, Јувентус, Атлетико Мадрид и Интер, меѓу останатите, но трофејот во националниот шампионат секогаш за малку му бегаше.
„Имам 64 години, се борам веќе подолго време, но секогаш останувам позитивен и имам позитивност на своја страна. Од секогаш верував дека на крајот некаде ќе успеам да ја освојам титулата. Јас сум оној ист човек, кој доби отказ во Грција, чисто да ги потсетам оние кои можеби го заборавиле тој дел во мојата кариера“, изјави Раниери.
Италијанецот минатата година беше отпуштен од клупата на Грција, по поразот во квалификациите за Европското првенство во Франција од Фарските острови, за оваа година да направи сензација во поновата историја на спортот.
„Не кажувам дека било кој заборавил, но би сакал да истакнам дека сум истиот човек кој седеше на клупата на Грција. Не се променив. Што се однесува за иднината, останувам во Лестер, но ваква сезона е невозможно да повториме. Следната сезона ќе се обидеме да се бориме за десеттото место, се надевам. Мораме да продолжиме да растеме и да напредуваме“,изјави Клаудио.
Првата титула на „лисиците“ во историјата им ја донесе Челзи откако успеа да ги надомести двата гола во дербито во Лондон против Тотенхем (2-2), кој на две кола пред крајот остана на недостижните седум бодови разлика. За тоа време Раниери беше во авион, се враќаше во Италија- каде беше на вечера со својата мајка.
„Кога ќе ви се случи вакво нешто, не можете во целост да разберете што всушност се одигра. Тотенхем водеше на полувремето, па бев малку и нерасположен. Но, тогаш, кога Гери Кејхил го постигна голот помислив дека нешто сепак може да се случи. Навистина, славев по голот на Еден Азар“, заклучи Раниери. 

Најнови вести