Корисничко име Лозинка Пријави се
05.5.2016

Роналдо: Нејмар ќе продолжи во Барселона

Еден од најдобрите напаѓачи во историјата на фудбалот Бразилецот Роналдо изјави дека неговиот сонародник и ѕвездата на Барселона, Нејмар, нема да го напушти каталонскиот клуб.

Менаџерот Вагнер Рибеиро претходните денови „кокетираше“ со ПСЖ и изјави дека францускиот клуб е подготвен да ѝ ја плати на Барселона откупната клаузула за неговиот клиент.
Роналдо, кој своевремено го носеше дресот на Барселона, не верува во можноста да се реализира овој трансфер, истакнувајќи дека Нејмар е во вистинското опкружување за понатамошниот развој на својата кариера.
„Нејмар ќе остане во Барселона. Не верувам дека тој ќе замине од клубот, бидејќи е многу среќен и задоволен. Барселона му одговара како град но и како клуб. Не верувам дека ќе се реализира тој трансфер“, изјави двократниот освојувач на „Златната топка“.
Нејмар својата кариера ја започна во Сантос, од каде во 2013 година пристигна на „Камп ноу“.
До сега за каталонскиот клуб одигра 138 натпревари, постигна 83 голови и ја освои титулата како првак на Шпанија, Купот и Супер купот на Шпанија, Лига на шампионите, УЕФА Суперкупот и ФИФА Светското клупско првенство.

Најнови вести