Корисничко име Лозинка Пријави се
04.4.2017

Ливерпул има проблеми: Мане потешко повреден

Садио Мане, напаѓачот на Ливерпул, се повреди на натпреварот против Евертон во саботата, а по првите оптимистички прогнози, ситуацијата не е баш светла.

Сенегалецот беше одличен во 228-мото дерби на Мерсисајд, во кое „црвените“ победија со 3-1. Мане беше стрелец во осмата минута, но теренот го напушти на почетокот на вториот дел од играта, по дуелот со Лејтон Бејнс.
Офанзивниот играч на Ливерпул теренот го напушти со болки, а по натпреварот беше соопштено дека го повредил коленото, но дека сè е во ред и дека нема долго да отсуствува.
Но, излезе дека ситуацијата не е толку поволна, бидејќи се појавил оток на коленото, па Мане би можело да биде надвор од редовите неколку седмици. За среќа на навивачите на Ливерпул, Мане не ги скинал предните вкрстени лигаменти на коленото.
Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, на почетокот на годината го немаше на располагање Мане бидејќи Сенегалецот беше со репрезентацијата на Африканскиот куп на нациите, а во тој период „црвените“ победија само еднаш во седум натпревари.
Освен на Мане, Клоп не може да смета ниту на повредените Џордан Хендерсон, Адам Лалана и Даниел Стариџ. Ливерпул утре, од 21 часот, го дочекува Борнмут во 31-вото коло на Премиер лигата, а на местото на Садио Мане, на теренот веројатно ќе игра Белгиецот Дивок Ориги.

Најнови вести