Корисничко име Лозинка Пријави се
11.5.2017

Симеоне: Првите 30-ина минути долго ќе се паметат

Диего Пабло Симеоне, тренерот на Атлетико Мадрид, изјави дека смета дека неговиот тим не е поразен, иако е елиминиран од Лигата на шампионите.

Атлетико го совлада градскиот ривал Реал со 2-1, но не се пласира во финалето поради поразот од 3-0 во првиот натпревар на „Сантијаго Бернабеу“.
„Дадовме сè од себе, како што правиме последните неколку години. Годините минуваат, но играчите созреваат. Секој ден ги планираат натпреварите и ме мотивираат. Се боревме против бранителот на титулата. Научивме лекција од ова и ќе напредуваме“, изјави Симеоне.
„Јорганџиите“ само за 16 минути надополнија два гола од заостанувањето, но Реал искористи една грешка во завршницата на првото полувреме и со голот на Иско спречи пресврт.
„Среќен сум и горд што покажавме какви сме. Се боревме, трет тим сме во Шпанија, два пати игравме во финалето на Лигата на шампионите. Имавме ужасен резултат од првиот натпревар, но верувавме во пресврт. Некои мислеа дека се шегуваме, но не се шегувавме“, додаде тренерот на „јорганџиите“.
Атлетико поведе со голот на Саул Њигес во 12-тата, а веќе во 16-тата минута резултатот беше 2-0 по пеналот кој го погоди Антоан Гриезман. Тогаш сите веруваа дека е можно враќање во егал, но се случи 42-рата минута.
„Првите 30-35 минути долго ќе се паметат. Тие ја искористија грешката на одбраната и постигнаа гол. Синоќешната магија на ‘Висенте Калдерон’ ќе остане долго во нас. Првите 25 минути извлекоа многу од нас, тешко беше да се следи таквиот ритам. Игравме против одличен тим, кој погоди од нашата прва грешка. Одигравме речиси совршено прво полувреме. Бензема беше брилијантен, тоа е фудбалот“, додаде тренерот на Атлетико.
Аргентинецот уште еднаш додаде дека е задоволен и покрај елиминацијата.
„Го кажувам она што го чувствувам. Мислам дека ова е успех за клубот. Ја освоивме Лигата на Европа, Суперкупот, Кралскиот куп. Се развивме, а пред нас и понатаму се нови чекори. Моите играчи имаат огромно срце, неверојатно е колку се даваат себеси. Мораме да ги клонираме. Ова е важен ден, не изгубивме иако сме елиминирани. Ова ќе ни овозможи да продолжиме да растеме“, изјави Симеоне.
Реал во финалето на Лигата на шампионите ќе игра со италијанскиот Јувентус на трети јуни во Кардиф, Ќе се бори за 12-тата шампионска титула на Европа, а „старата дама“ за третата.

Најнови вести