Корисничко име Лозинка Пријави се
28.11.2012

Технологија на гол-линијата на Светското клупско првенство

Светската фудбалска федерација соопшти дека потпишала договор со две фирми коишто ги избрала за експерименти со технологија на гол-линијата.

Ако сè функционира, се планира техниката прв пат да се користи на Светско клупско првенство во Јапонија.
Системот Голреф (GoalRef – гол-судија) користи магнетно поле и посебен балон, а ќе биде испробан на стадионот „Јокохама“ во декември. Вториот систем, популарното Око соколово, кој се користи во тенисот и се заснова на користење камера, ќе се користи на стадионот „Тојота“.
Првиот Голреф е направен на Институтот за интегрирани кола „Фрајнхофер“, а вториот е дело на британската фирма „Хок-ај иновејшн“.
Откако ќе се инсталираат, системите ќе мора да поминат серија тестови на независната швајцарска институција ЕМПА за да може ФИФА да биде сигурна дека технологијата ќе може совршено да работи на стадионите.
Дури по завршната инспекција ФИФА ќе одлучи дали ќе воведува технологија на гол-линијата во текот на осумте натпревари на Светското клупско првенство.
Пред почетокот на секој натпревар судиите мора да прегледаат дали работи системот на гол-линијата.
Оваа технологија е замислена да помага при судењето, но главниот судија е единствен одговорен за сите одлуки на теренот и тој ќе го има последниот збор, се наведува во соопштението на ФИФА.

Најнови вести