Корисничко име Лозинка Пријави се
07.8.2013

Мерцедес сèуште не го реши проблемот со гумите

Директорот на тимот на Мерцедес, Рос Брон, изјави дека тимот сèуште не го решил проблемот со гумите, по победата на Луис Хамилтон на трката за ГН Унгарија.

Хамилтон пред две недели победи на Хунгароринг и тоа беше трета победа за Мерцедес во последните пет трки во Формула 1 шампионатот.
Британецот со првата победа во сезоната се качи на четвртото место во генералниот пласман на светскиот шампионат, додека Мерцедес во натпреварувањето на конструктори го презеде второто место од Ферари.
Термичката деградација на гумите беше голем проблем за Мерцедес, но по воведувањето на изменетите гуми на Пирели во трката во Унгарија, екипата ни на температура на патеката од 35 степени немаше тешкотии.
„Добивме само три комплети гуми оваа година, оние со кои ја почнавме сезоната, оние кои ги користевме во Нирбургринг и оние кои ги користевме во Унгарија. Морате да ја следите ситуацијата, но искрено, не знам дали овие гуми нас повеќе или помалку ни одговараат од останатите“ изјави Брон.
„Тоа секако го промени поредокот, бидејќи некои екипи на кои им одеше многу добро, како што е Форс Индија, се мачеа со тие гуми. Сигурно се ќе си дојде на место, но очигледно е дека се поинакви. Дури на трката во Силверстон почнавме да сфаќаме како функционираат првичните гуми, но повторно моравме да ги менуваме“, додаде тој.
Брон рече дека никој не може да гарантира дека Мерцедес ќе биде успешен на трката за ГН Белгија, за две недели.
„Во Унгарија успеавме, но тоа не значи дека така ќе биде во Белгија, бидејќи секоја ситуација е различна“, додаде тој.

Најнови вести