Корисничко име Лозинка Пријави се
12.9.2014

Бенто доби отказ по поразот од Албанија

Пауло Бенто, селекторот на Португалија, ја изгуби работата по поразот на неговата селекција од репрезентацијата на Албанија во првиот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2016 година.

Освен за поразот во квалификациите за Евро, Бенто се обвинува и за очајниот настап на националниот тим на Мундијалот во Бразил, кој заврши уште во групната фаза.
Португалците и Албанците, кои се наоѓаат во групата заедно со Србија, Данска и Ерменија, натпреварот од првото коло го одиграа во неделата, во Лисабон, а Албанија славеше по одличниот волеј удар на Беким Балај во 52-рата минута.
„Белите знаменца (нешто што навивачите сакаат да го користат кога го изразуваат своето незадоволство од тренерот) се нешто сосема нормално во фудбалот. Мораме да ги почитуваме одлуките и изборот на нашите навивачи и да се обидеме тоа да го поправиме и да продолжиме понатаму. Натпреварот не одеше така како што сакавме, но...“, изјави Бенто по поразот.
На интернет-страницата на фудбалскиот сојуз на Португалија се наведува дека дошло до прекинување на соработката меѓу тренерот и националната куќа на фудбалот, на иницијатива на Сојузот.
Бенто, некогашниот играч за врска од задниот ред на Спортинг, Бенфика и Овиедо, за националниот тим настапи 35 пати, додека довербата на клупата ја доби во 2010 година.

Најнови вести