Корисничко име Лозинка Пријави се
13.10.2014

Без aлбански навивачи во Белград

Навивачите на Албанија дефинитивно нема да може да присуствуваат на натпреварот со Србија во Белград.

Натпреварот се игра утре на стадионот на Партизан во рамките на квалификациите за Европското првенство 2016 година.
Секој навивач на Албанија кој нема да ја почитува таквата одлука ќе биде отстранет и ќе се постапи во согласност со Законот.
„Новост е дека навивачите на Албанија нема да бидат на стадионот, откако нивниот Сојуз ја прифати препораката на Европската фудбалска унија. Влезниците коишто ги добија ќе ни бидат вратени и на натпреварот ќе присуствуваат само домашните навивачи. Секој навивач на Албанија којшто ќе биде на стадионот (со навивачки обележја) ќе биде отстранет и подоцна кривично ќе одговара“, изјави портпаролот на Фудбалскиот сојуз на Србија, Миливој Мирков.
Мирков додаде дека тој принцип ќе важи и за навивачите на Србија, кога националниот тим ќе гостува во Елбасан на осми октомври наредната година.
Фудбалскиот сојуз на Србија претходно му предложи на Фудбалскиот сојуз на Албанија националните репрезентации да ги одиграат меѓусебните натпревари без присуство на гостинските навивачи. Албанците го одбија тоа, а Фудбалскиот сојуз на Србија им дал рок да испратат список на навивачи со нивните податоци, а тие не го направиле тоа, но на крајот морале да ја послушаат одлуката на владејачкото тело на европскиот фудбал.
Натпреварот од групата И во квалификациите за Европското првенство во Франција меѓу Србија и Албанија се игра утре од 20.45 часот на стадионот на Партизан.
Србија во саботата, на стартот на квалификациите одигра 1-1 во Ереван со Ерменија, а истиот резултат беше на натпреварот меѓу Албанија и Данска во Елбасан.

Најнови вести