Корисничко име Лозинка Пријави се
03.9.2018

Да одиграме викторија на „Викторија“ - Македонија тргна кон Гибралтар

Македонската фудбалска експедиција утрово замина за Гибралтар, на мегдан кај аутсајдерот во нашата група, во новоформираната Лига на нациите

Македонските фудбалски репрезентативци и стручниот штаб утрово заминаа за Гибралтар, каде што на 6-ти септември ќе го почнат циклусот натпревари во новоформираната Лига на нациите.
Целта е како фаворити за првото место во четвртата група од сегментот Д да ги освоиме првите бодови и со победа да го чекаме дербито со Ерменија, во Скопје на 9-ти септември. Или, со фудбалски речник, би требало да одиграме викторија пред голот на Гибралтар на стадионот „Викторија“. Барем ако се суди според квалитетот, рејтингот и традицијата на двете земји.
Дел од репрезентативците денеска тргнаа од скопскиот аеродром кон финалната дестинација, а директно во Гибралтар ќе им се приклучат неколку интернационалци, кои вчера играа натпревари за своите екипи. Меѓу нив се и капитенот Горан Пандев, Бобан Николов, Стефан Спировски...
Мечот ќе се игра од 20.45 часот, а со нас и Гибралтар во четвртата група од сегментот Д во Лигата на нациите се и Ерменија и Лихтенштајн.
Само првопласираната селекција ќе има шанса да игра за првото место во комплетниот сегмент Д, каде што има вкупно четири групи. Победниците од сите четири групи ќе разигруваат за единственото место кое води на ЕП 2020 година.

 

Најнови вести