Корисничко име Лозинка Пријави се
29.7.2014

Роналдињо раскина со Атлетико Минеиро, ќе оди во Бока?

Легендарниот Бразилец Роналдињо и Атлетико Минеиро договорно ја раскинаа соработката, па сега тој е слободен играч.

Вакво сценарио можеше да се очекува по изјавата на соиграчот на Роналдињо, Жо, кој вчера изјави дека поранешниот фудбалер на Барса го одиграл последниот натпревар за Минеиро.
Вистинските причини за прекинувањето на соработката не се објавени, а според информациите од Јужна Америка, Бразилецот кариерата ќе ја продолжи во Бока јуниорс. Многу малку пореална опција се појави вчера, а тоа е трансфер во Стоук.
Бразилецот, наводно, веќе е виден во аргентинскиот клуб како замена за Хуан Роман Рикелме, кој минатата седмица направи трансфер во Аргентинос јуниорс.
Некогашниот најдобар фудбалер на планетата во Атлетико отиде во 2012 година, по малку разочарувачкото издание во Милан, но на бразилскиот клуб веќе следната година му го донесе трофејот во Копа Либертадорес, прв во историјата.
Но, славата брзо стивна, одбраната на титулата Атлетико Минеиро ја заврши со пораз во 16-тата фаза од Атлетико од Колумбија, додека во домашниот шампионат беше дури десетти.
Роналдињо има 34 години, кариерата ја почна во Гремио, а во 2001 година како еден од најголемите таленти направи трансфер во ПСЖ.
Зенитот на кариерата го доживеа како член на Барселона, чиј дрес го носеше пет години, пред трансферот во Милан, во 2008 година. Двете сезони не беа доволни за да ги повтори игрите од претходниот период, па се врати во татковината, најнапред во Фламенго, а во 2012 отиде во Минеиро.
За репрезентацијата на Бразил досега одигра 97 натпревари и постигна 33 голови, а учествуваше и во освојувањето на Светското првенство 2002 година.

Најнови вести