Корисничко име Лозинка Пријави се
14.5.2016

Ватфорд бара нов менаџер

Тимот на Ватфорд ќе остане без менаџер на крајот од сезоната откако клупата на „стршлените“ ќе ја напушти Кике Санчес Флорес.

Шпанецот го презема Ватфорд минатото лето откако Славиша Јокановиќ го врати во Премиер лигата, па без поголеми проблеми се избори за опстанок.
„Сакаме да му се заблагодариме на Кике. Со Ватфорд ја оствари зацртаната цел и обезбеди учество во Премиер лигата за следната година. Сакаме да му посакаме многу среќа во понатамошната работа и му порачуваме дека секогаш е добредојден на нашиот стадион“, наведува Ватфорд во соопштението.
Санчес Флорес во својата кариера го водеше Хетафе, Валенсија, Бенфика, Атлетико Мадрид, Ал Ахил и Ал Аин од ОАЕ.
Санчес од „стршлените“, ќе се прости утре, кога во Ватфорд пристигнува Сандерленд кој исто така се избори за опстанок, па натпреварот ќе биде само со ревијален карактер.
Ватфорд во тековната сезона заблеска во првата половина од сезоната добивајќи осум натпревари во првите 17 кола, вклучувајќи го и импресивниот триумф над Ливерпул со 3-0 кој му ја донесе седмата позиција за Божиќ.
Тогаш шпанскиот тренер доби награда за најдобар менаџер на месецот декември, што е прв пат во историјата на Ватфорд. Исто така, Ватфорд стигна до полуфиналето во ФА Купот.
Како кандидат за неговиот наследник веќе се споменува поранешниот тренер на Наполи и Интер, Валтер Мацари, кој е без клуб од ноември 2014 година.
Ватфорд е веќе четвртиот клуб кој во следната сезона ќе влезе со нов менаџер, малку порано Антонио Конте го договори своето доаѓање во Челзи, а Пеп Гвардиола во Манчестер сити, додека пак Евертон го отпушти Роберт Мартинес во четвртокот.

Најнови вести