Корисничко име Лозинка Пријави се
27.9.2013

Билиќ суспендиран на три натпревари, Бешикташ четири пати пред празни трибини

Дисциплинската комисија на Турската фудбалска лига го казни Бешикташ со играње на четири домашни натпревари пред празни трибини, а Славен Билиќ нема да може да ја води екипата во следните три дуели.

Тоа е епилогот на хаотичните случувања во завршницата на неделното истанбулско дерби меѓу Бешикташ и Галатасарај. Натпреварот кој беше игран пред рекорден број од 76.127 гледачи е прекинат во продолжението при водство на Галатасарај со 2-1. Причина за нередите беше бесната реакција на гостинскиот играч за врска Фелипе Мело, кој претходно доби црвен картон поради сериозен прекршок. Малку порано поради изразување незадоволство од судиските одлуки беше исклучен и тренерот на Бешикташ, поранешниот хрватски селектор Славен Билиќ.
Нервозата од теренот се пренесе на трибините, од кои навивачите на Бешикташ почнаа да навлегуваат на теренот. Во обидот да дојдат до играчите на соперничката екипа, кои успеаја да побегнат во соблекувалната, вандалите фрлаа столици и рушеа сè пред себе, а полицијата користеше солзавец за да ја смири ситуацијата.
Освен што четири домашни натпревари ќе се играат зад затворени врати, Бешикташ мора да плати и казна од 25.000 евра. Билиќ, пак, освен суспензијата, доби и парична казна од 4.800 евра.
Фелипе Мело е казнет со забранет настап на два натпревари поради црвениот картон.

Најнови вести