Корисничко име Лозинка Пријави се
09.7.2014

Сколари: Бараме прошка од бразилскиот народ

Селекторот на бразилската фудбалска репрезентација, Луис Фелипе Сколари, го замоли бразилскиот народ за прошка по понижувачкиот пораз од Германија во полуфиналето на Светското првенство.

Со неверојатен дебакл (7:1) разрушени се соништата на „кариоките“ за шестата планетарна титула, а болен е најтешкиот пораз во историјата на „земјата на фудбалот“.
„Го молиме бразилскиот народ да ни прости. Сторивме сè што можевме, дадовме сè од себе, но за противник ја имавме одличната Германија. Јас сум одговорен, јас сум виновен за катастрофалниот резултат, бидејќи ги избирав играчите и тактиката“, изјави Сколари, додавајќи дека тимот не можел да се врати во натпреварот по изминати 45 минути.
„Мислам дека ни Германците нема да можат да објаснат што се случи. Меѓутоа, делуваа моќно, убедливо победија и заслужуваат почит за она што го покажаа“, рече Сколари.
Капитенот на „кариоките“, Давид Луис, не можеше да објасни што се случувало со тимот на петкратниот светски шампион.
„Сакавме да ги израдуваме нашите сограѓани, меѓутоа, не успеавме, жал ми е поради тоа. Само сакав да видам насмеани луѓе. Ова е тажен ден.“, изјави расплаканиот Луис.
Германија ја оствари најубедливата победа на планетарните собири, а Томас Милер смета дека победата е потполно заслужена.
„Ја остваривме целта. Славевме неочекувано убедливо, но мислам дека тоа е заслужено, бидејќи дадовме сè од себе. Тоа ќе го сториме и во финалето, ќе ги дадеме и срцето и душата за да победиме во борбата за титулата“, порача Милер.
Германија во натпреварот за четвртата титула за светски шампион, на 13-ти јули во Рио де Жанеиро, го чека победникот од вториот полуфинален натпревар, во кој во 22 часот во Сао Паоло ќе се сретнат Аргентина и Холандија.

Најнови вести