Корисничко име Лозинка Пријави се
18.6.2015

Сензационален трансфер: Жињак ќе игра во мексиканскиот Тигрес

Францускиот фудбалер Андре-Пјер Жињак е на прагот пред изненадувачки трансфер од Марсеј во мексиканскиот Тигрес од Монтереј, пренесува агенцијата АФП.

Жињак, кому му истече договорот со францускиот прволигаш, веќе се подготвува да ги помине лекарските прегледи во Монтереј, каде што пристигна со семејството.
„Жињак доаѓа да ги направи лекарските прегледи“, соопшти мексиканскиот клуб на „Твитер“.
Дваесет и деветгодишниот напаѓач минатата сезона постигна 21 погодок во Лига 1. Тој за репрезентацијата на Франција на 21 натпревар даде пет голови.
Како што пренесуваат локалните медиуми во Мексико, Жињак ќе потпише тригодишен договор вреден 4,5 милиони евра по сезона, со опција за продолжување на договорот на уште една година.
Жињак покажа врвен талент во текот на трите сезони поминати во Тулуз, во периодот од 2007 до 2010 година, кога постигна 34 голови, пред да направи трансфер во Марсеј, за кого постигна 59 погодоци на 154 натпревари.
Многу клубови чекаа ред за Жињак, меѓу кои се: Лион, Галатасарај, Њукасл и Вест Бромич албион, но тој го избра мексиканскиот Тигрес, кој се квалифицира во полуфиналето на Копа Либертадорес, во кое ќе се сретне со бразилскиот Интернасионал од Порто Алегре во два натпревари – на 15-ти и на 22-ри јули.

Најнови вести