Корисничко име Лозинка Пријави се
08.3.2017

Шапекоенсе живее и победува во Копа Либертадорес

Бразилскиот Шапекоенсе не само што се обновува по авионската трагедија, во која во ноември минатата година загина речиси целиот тим на овој клуб, туку успеа да оствари и победа во дебито во Копа Либертадорес.

Шапекоенсе во првиот меѓународен натпревар, по несреќата во која настрадаа фудбалерите и управата на клубот, а преживеаја само тројца играчи, гостуваше кај екипата на Зулија во Венецуела. Обновениот тим со тренерот Вагнер Мансини на клупата славеше против Венецуелците со резултат 2-1 и со тоа дојде до трите бода во првото коло на групата 7 во Копа Либертадорес.
Головите за Шапекоенсе ги постигнаа Реиналдо во 33-тата и Луиз Антонио во 69-тата минута, додека за Зулија стрелец беше Хуан Аранго во 78-мата минута од средбата.
„По сè што се случи, ние мораме да продолжиме како клуб. Мислам дека нашите настрадани другари тоа би го сакале“, изјави Тулио де Мело, напаѓачот на Шапекоенсе, пред патувањето во Венецуела, кое до Маракаиба ги водеше неизбежно со авион со неколку прекачувања.
Авионската несреќа во која загина 71 лице се случи на 28-ми ноември минатата година на пат кон Меделин во Колумбија. Фудбалерите на Шапекоенсе патуваа на финалето на Копа Судамерикана против Атлетико Насионал, кое никогаш не се одигра. На иницијатива на колумбискиот клуб, Бразилците беа прогласени за победници на ова натпреварување, второ по сила во Јужна Америка.

Најнови вести