Корисничко име Лозинка Пријави се
20.4.2011

Станиславски три години во Хофенхајм

Германскиот бундеслигашки клуб Хофенхајм на официјалната веб-страница потврди дека клупата на првиот тим во следната сезона ќе ја преземе тренерот на Сент Паули, Холгер Станиславски.

Минатата седмица четириесет и едногодишниот Станиславски потврди дека на крајот на сезоната ќе го напушти клубот во којшто играше од 1993 до 2004 година, а подоцна извршуваше неколку функции.

„Станиславски тренерските квалитети веќе ги докажа со промовирање на Сент Паули во Бундеслигата. Освен тоа, знае и млади таленти да промовира во професионалци“, рече Ернст Танер, спортски директор на клубот со кого новиот тренер потпиша договор до 30-ти јуни 2014 година.

„Секако дека заминувањето од Хамбург, каде што поминав толку многу време, ми паѓа тешко, но време е за нови предизвици. Се радувам на новата работа, но пред сè целосно сум сконцентриран на Сент Паули и завршницата на сезоната. Сакам клубот да го задржи прволигашкиот статус“, изјави Станиславски.

На четири кола пред крајот на сезоната Сент Паули се наоѓа на претпоследното место на табелата со 29 освоени бода, колку што има и Волфсбург.

Најнови вести