Корисничко име Лозинка Пријави се
25.10.2016

ФА го обвини Сисоко за насилно однесување

Фудбалскиот сојуз на Англија го обвини Муса Сисоко, играчот на Тотенхем, за насилно однесување поради тоа што на натпреварот со Борнмут со лакот го удри Хари Артер.

Тотенхем одигра без голови со Борнмут во саботата, а Сисоко, кој влезе од клупата, го удри со лакот во лице противничкиот играч Артер. Судијата не го виде тоа, но инцидентот е снимен од страна на телевизиските камери.
Францускиот фудбалер би можело да добие суспензија од три натпревари, а до денес попладне има рок да одговори на обвинението.
„Инцидентите коишто во текот на натпреварот ќе се случат без топка, а не ги видат судиите, ќе ги разгледува комисија од тројца поранешни судии. Секој член на комисијата посебно ќе ја прегледа снимката и ќе одлучи дали прекршокот бил за исклучување. За дополнително изрекување казна, потребно е одлуката на тричлената комисија да биде едногласна“, се наведува во соопштението на ФА.
Тотенхем денес ќе игра против Ливерпул во Лига купот, а во сабота на „Вајт харт лејн“ ќе биде домаќин на шампионот на Англија, Лестер.

Најнови вести