Корисничко име Лозинка Пријави се
22.3.2012

Муамба бил клинички мртов 78 минути

Фабрис Муамба, фудбалерот на Болтон, чудесно закрепнува во лондонската болница откако клинички бил мртов дури 78 минути.

Џонатан Тобин, премиерлигашкиот клупски доктор, рече дека биле потребни дури 15 електрошокови за да почне да чука срцето на младиот 23-годишен Муамба. Тој доживеа срцев удар во 42-та минута на натпреварот од четврт-финалето на англискиот ФА куп против Тотенхем на „Вајт харт лејн“.
„Се плашевме од најлошото и не мислев дека ќе имаме вакво закрепнување. Ова е чудо“, рече Тобин.
„Поминаа 48 минути откако доживеа срцев удар до моментот кога беше примен во болница. Потоа поминаа уште 30 минути пред да почне срцето повторно да чука“, додаде докторот.
Кардиологот Ендрју Динер, кој на натпреварот беше во улога на навивач, а по немилиот настан веднаш дојде на теренот за да помогне, исто така, е изненаден со која брзина закрепнува Муамба.
„Ако некогаш е потребно да се користи зборот чудо, тогаш тоа е сега. Само по два часа откако дојде при себе, му пријдов и го прашав за името. Веднаш ми одговори: Фабрис Муамба. Потоа му реков дека сум слушнал дека е многу добар фудбалер, на што ми одговори: Се трудам. Тогаш заплакав“, рече Динер.
Муамба во првите разговори најмногу се интересирал за резултатот од натпреварот на „Вајт харт лејн“, а прво што го прашал татко му било дали Болтон изгубил од Тотенхем. Откако татко му Марсел му кажал дека средбата била прекината кај резултатот 1-1, Муамба прашал зошто судијата донел таква одлука.
„Поради тоа што ти се случи тебе“, му потврдил на синот Марсел Муамба.

Најнови вести