Корисничко име Лозинка Пријави се
15.5.2013

Официјално: Шаф го напушти Вердер по 14 години

По цели 14 години соработка, германскиот прволигаш Вердер Бремен и 52-годишниот тренер Томас Шаф денес го раскинаа договорот.

Шаф нема да ја води екипата ни во последното коло на Бундеслигата, во сабота во Нирнберг, потврди клубот од Бремен. Германскиот стручњак играчката кариера ја помина во Вердер, чиј прв тренер стана во 1999 година и оттогаш непрекинато ја водеше екипата. Најголем успех постигна во сезоната 2003/04, кога клубот ја освои двојната круна – Бундеслигата и Германскиот куп.
„Минатите денови седевме и ја анализиравме ситуацијата и дојдовме до заклучок дека ни треба свеж почеток. Откако го осигуривме останувањето во лигата, се согласивме дека разделбата е најдобра одлука“, изјави спортскиот директор Томас Ајхин, а Шаф порача:
„Овде поминав чудесен период, зачинет со многу позитивни случувања и големи успеси. Им се заблагодарувам на сите коишто ме поддржуваа и ми беа соработници на тој пат“, изјави Шаф.
Клубот засега нема објавено кој ќе го наследи Шаф, а германските медиуми засега како најголем кандидат го споменуваат актуелниот тренер на Келн, Холгер Станиславски.

Најнови вести