Корисничко име Лозинка Пријави се
28.8.2014

Стоперот-голман го одведе Лудогорец во Лигата на шампионите

Апсолутен јунак на вечерта во плејофот за Лигата на шампионите е Моти, стоперот на Лудогорец, кој со двата одбранети пенали на средбата против Стеауа ја доведе својата екипа до пласман во групната фаза.

Екипите на Арсенал, Баер Леверкузен, Малме и Атлетик Билбао, исто така, ќе учествуваат во групната фаза на Лигата на шампионите.
Романците во Софија стигнаа со минимална предност, но Вандерсон во последните моменти од натпреварот на својот тим му донесе продолженија. Голманот Стојанов заработи директен црвен картон во 118-тата минута, а Моти ги зеде ракавиците и ги запре двата пенали вредни десет милиони евра!
Арсенал до 17-тиот настап по ред во Лигата на шампионите го доведе Алексис Санчес со голот во 45-тата минута од натпреварот против Бешикташ, Малме по 1-2 во Австрија, беше убедлив против Салцбург. Баер го демолира Копенхаген со 4-0 (вкупно 7-2), додека Билбао по 1-1 во Наполи, направи пресврт и го совлада италијанскиот клуб со 3-1.
Во Софија се чинеше дека некогашниот шампион на Европа ќе успее да ја сочува предноста која ја стекна во 88-мата минута од првата средба, но Бразилецот Вандерсон успеа да ја затресе мрежата на гостинот и да го одведе натпреварот во продолженија.
Во дополнителните 30 минути се играше тврдо на двете страни, а клучните моменти на средбата се случија во 118-тата минута. Напаѓачот на гостите сам се упати кон голот на домаќинот, а Стојанов беше принуден да го сопре на дваесетина метри од голот. Заработи директен црвен картон, а ракавиците ги презеде стоперот Козмин Моти.
Романецот ја отвори пенал серијата со гол, а на крајот го одбрани последниот пенал, по што бугарскиот шампион ја елиминираше Стеауа.
Ждрепката за групната фаза на европските натпреварувања на програмата е утре во Нион.

Најнови вести