Корисничко име Лозинка Пријави се
08.12.2014

Поранешниот шампион на Европа без име и грб

Романскиот клуб Стеауа од Букурешт беше прв источноевропски тим кој стана шампион на Европа во фудбал, а сега е без име и грб.

Стеауа е основана како армиски клуб, а по падот на комунизмот, војската продолжила да им ги позајмува своите име и грб на тимот кој 25 пати беше шампион на Романија, а во 1986 година и на Европа.
Но, контроверзниот сопственик на Стеауа Џиџи Бекали, кој во меѓувреме заврши во затвор, не е во најдобри односи со воените власти, коишто му го оспорија правото на името и грбот без компензација.
Од 2004 година трае судскиот процес меѓу двете страни, Бекали вложил многу милиони во клубот, но судот донел одлука во корист на Министерството за одбрана, па Стеауа остана без име и грб.
Поради тоа, изминатиот викенд на натпреварот со Јаши клубот од Букурешт на официјалниот семафор беше обележан едноставно како „Домаќин“, со празен простор на местото на грбот. Исто така, играчите играа во жолт наместо во традиционалниот црвено-син дрес.
Стеауа славеше со минимален резултат и го продолжи патот кон 26-тата титула, бидејќи има девет бодови повеќе од најблискиот конкурент Клуж.
Ако Бекали не се договори со војската, Стеауа освен името и грбот, ќе го изгуби и правото на историјата на славниот клуб, што значи 21 титула помалку во Романија и без Купот на европските шампиони (денес Лигата на шампиони) од 1986 година.

Најнови вести