Корисничко име Лозинка Пријави се
23.7.2014

Шахтар се пресели во Лавов

Шахтар од Донецк поради вооружените судири во Украина, како домаќин ќе игра во Лавов, а седиштето на клубот ќе биде во Киев, изјави извршниот директор Сергеј Палкин.

Шахтар вчера во Лавов го совлада Динамо Киев со 2-0 и го освои националниот Суперкуп.
На стадионот во Лавов пред две години се играа натпреварите на Европското првенство, чии домаќини беа Украина и Полска.
Стадионот на Шахтар се наоѓа во Донецк, на истокот од земјата, во регионот каде што веќе со месеци траат вооружени судири, а неодамна беше соборен и малезиски авион во којшто загинаа 295 лица.
„Да бидеме искрени, во Лавов нема да имаме поддршка од трибините како во Донецк. Сепак, верувам дека оваа варијанта ќе може да функционира. Овде ќе ги играме и првенството и натпреварите на Лигата на шампионите“, изјави Палкин за интернет-страницата на клубот.
Тој наведе дека управата на клубот сè уште работи да ги убеди петтемина Бразилци и Аргентинецот да се вратат во Украина. Тие одбија да дојдат во клубот по летната пауза поради страв од судирите.
„Сега сме во фаза на убедување. Се обидуваме да им докажеме дека Украина е безбедна за живот и играње фудбал. Момчињата се исплашени, а се надевам дека ќе го решиме проблемот“, додаде Палкин.