Корисничко име Лозинка Пријави се
31.1.2017

Шахтар повторно се сели во Харков

Фудбалскиот клуб Шахтар соопшти дека своите натпревари оваа година ќе ги игра на стадионот на Металист во Харков, градот оддалечен 240 километри од Донецк.

По речиси три години во прогонство поради судирите во источна Украина, Шахтар од Донецк повторно се сели. Клубот соопшти дека натпреварите ќе ги игра на стадионот во Харков со капацитет од 40.000 места.
Шахтар понекогаш играше натпревари во Харков, а големиот број навивачи на клубот во тој регион ги убедиле челниците да потпишат долгорочен договор. И покрај тоа, играчите ќе продолжат да живеат во Киев.
На стадионот во Харков беа играни натпреварите од Европското првенство во 2012 година, а тој објект претходно беше дом на екипата на Металист пред минатогодишното финансиско пропаѓање на таа екипа.
Прв противник на Шахтар во Харков ќе биде Селта од Виго, во натпреварот од Лигата на Европа на 23-ти февруари. По зимската пауза, украинското фудбалско првенство продолжува на крајот на февруари.
Шахтар нема играно натпревари во Донецк од 2014 година. „Донбас арената“ беше многу оштетена при судирите на украинската војска и проруските бунтовници. 
Некогашниот победник на Купот на УЕФА и деветкратен шампион на Украина изминатите три години натпреварите ги играше во неколку различни градови, додека натпреварите од Лигата на Европа ги играше во Лавов.

Најнови вести