Корисничко име Лозинка Пријави се
07.4.2014

Норвич го отпушти Хјутон

Премиерлигашот Норвич го отпушти менаџерот Крис Хјутон, а на клупата на последните натпревари ќе биде досегашниот тренер на младата селекција на клубот, Нил Адамс.

Норвич вчера изгуби со 1-0 од Вест Бромич албион и сега има само пет бодови над зоната за испаѓање на пет кола до крајот.
„Оваа одлука ја донесовме за да ги зголемиме шансите на клубот за опстанок“, се наведува во клупското соопштение.
Хјутон, некогашниот менаџер на Њукасл и Бирмингам, го одведе Норвич до 11-тото место во Премиер лигата минатата сезона. Но, сезонава тимот даде само 26 голови, иако минатото лето потроши многу пари за доведување на Рики ван Волфсвинкел и Гери Харпер.
Дел од навивачите на средбата против Вест Бромич пееја „сакаме Хјутон да си оди“, а тој по натпреварот беше уверен дека работата не му е во опасност.
Излезе дека не е во право, а ќе го наследи Нил Адамс, човекот кој во деведесеттите години одигра повеќе од 200 натпревари за Норвич.
„Луѓето знаат колку ми значи овој клуб, така што не мора да потенцирам дека ќе дадам сè од себе да останеме во Лигата. Последните пет натпревари ќе бидат голем тест за нас, но со помош на величествените навивачи, мислам дека можеме да ја оствариме целта“, изјави Адамс.
До крајот на сезоната Норвич игра со: Фулам, Ливерпул, Манчестер јунајтед, Челзи и Арсенал.


Најнови вести