Корисничко име Лозинка Пријави се
12.10.2016

Брус нов менаџер на Астон вила

Англискиот стручњак Стив Брус денес ќе биде именуван за менаџер на Астон вила.

Педесет и петгодишниот Брус во јули го напушти Хал, а на клупата од Бирмингам ќе го наследи Роберто ди Матео, кој доби отказ на трети октомври.
Тони Сја, сопственикот на Астон вила, вчера на социјалната мрежа „Твитер“ изјави дека денес ќе биде објавена важна вест и додаде:
„Време е да се држиме заедно и да го поддржиме тимот. Верувајте дека направивме најдобро што можеме“.
Брус го врати Хал во Премиер лигата низ плејофот на Шампионат лигата, пред да го напушти клубот. Тоа беше четврти пат со некој клуб да избори промоција во елитното натпреварување.
Искусниот стручњак низ кариерата ги водеше Бирмингам , Виган и Сандерленд, а беше еден од кандидатите за селектор на Англија пред Сем Алардајс да ја добие таа работа во јули.
Вила моментно се наоѓа на 19-тото место на табелата, а во сабота го дочекува Вулверхемптон. Клубот од Бирмингам минатата сезона испадна од Премиер лигата, а тогаш и Ди Матео дојде на клупата. Но само по една победа на десет натпревари, некогашниот менаџер на Челзи доби отказ само по 124 дена.
Брус, кој претходно го водеше градскиот ривал на Вила, Бирмингам од 2001 до 2007 година, ќе стане шести менаџер на клубот откако Тим Шервуд дојде на таа функција во февруари 2015 година.

Најнови вести