Корисничко име Лозинка Пријави се
16.2.2015

Шервуд нов менаџер на Астон вила

Фудбалскиот клуб Астон вила за нов менаџер го именуваше Тим Шервуд, по раскинувањето на соработката со Пол Ламберт минатата седмица.

Последните денови Шервуд беше главен кандидат за преземање на Вила, која именувањето го потврди преку официјалната интернет-страница на „Твитер“.
„Голема чест е да се води еден од најголемите клубови во историјата на англискиот фудбал. Не можам да дочекам да почнам со работа и се радувам на предизвикот“, изјави Шервуд.
Шервуд досега го водеше само Тотенхем во втората половина од минатата сезона, од моментот кога на Андре Вилаш-Боаш му беше врачен отказ, а претходно му беше асистент на португалскиот стручњак.
Том Фокс, извршниот директор на Астон вила изјави дека тој и Ренди Лернер, сопственикот на клубот, се пресреќни што го довеле 46-годишниот Шервуд на „Вила парк“.
„Ренди и јас сме пресреќни што Тим одлучи да дојде во нашиот клуб. Тим имаше одлични резултати во Тотенхем, не само додека беше менаџер на првиот тим туку и поради улогата која ја имаше во развојот на млади таленти. Одлучни сме да направиме проект со основа на долгогодишна визија и посветеност на развојот на младите играчи. Верувам дека Тим има квалитет да го извлече најдоброто од нашиот тим и да ни помогне да изградиме екипа за иднината“, изјави Фокс.
Астон вила моментно е на 18-тото место на табелата на Премиер лигата и се наоѓа меѓу клубовите коишто се борат за опстанок. Најблизок ривал ѝ е Квинс парк ренџерс, кој има еднаков број бодови.

Најнови вести