Корисничко име Лозинка Пријави се
07.4.2014

Маран веќе не е тренер на Катанија

Роландо Маран по втор пат сезонава доби отказ на местото тренер на италијанскиот прволигашки клуб Катанија.

За Маран ситуацијата со отказот не е нова, тој беше отпуштен уште во октомври минатата година, кога го замени Џиџи де Канио, но 50-годишниот тренер во јануари се врати на клупата на клубот од Сицилија.
По враќањето во клубот, тој го изгуби првиот натпревар, но потоа имаше четири последователни натпревари без пораз. Формата брзо се изгуби, па „сино-црвените“ освоија само еден бод во последните осум кола, на почетокот на март против Калјари.
Петтиот последователен пораз (1-2 против Торино, по 77 минути водство) беше премногу за управата. Маран по средбата изјави дека полека ја губи надежта за опстанок, па челниците се погрижија да најдат некој кој верува во тоа.
На местото на Маран доаѓа Маурисио Пелегрино, поранешен играч и тренер на клубот. Изборот е необичен, затоа што Пелегрино нема работено од јануари 2012 година, кога доби отказ во Лече, екипата која тогаш се наоѓаше на последното место во четвртата лига.
Клубот од подножјето на Етна до крајот на сезоната ги дочекува Сампдорија, Рома и Аталанта, а гостува кај Милан, Верона и директниот ривал за опстанок Болоња. Од местото за опстанок заостанува седум бодови.
Изненадувањето поради ваквата одлука на управата се зголемува со фактот дека до крајот на сезоната има само шест кола. Катанија е последнопласирана на табелата на Серија А со 20 бодови.

Најнови вести