Корисничко име Лозинка Пријави се
25.4.2016

Роси најбрз во Херез

Ветеранот на Јамаха Валентино Роси на доминантен начин стигна до првата победа во Мото ГП оваа сезона.

Италијанецот беше најбрз на трката во Херез, пред колегата од тимот Хорхе Лоренцо и Марк Маркес на третата позиција.
„Докторот“ стартуваше од пол – позицијата и веднаш стави до знаење дека е дојден по триумф во Херез, прв од 2009 година. Перфектно возеше од првиот до последниот круг и на крајот ја заврши трката со 2.386 секунди предност пред Лоренцо.
За каков подвиг се работи најдобро говори податокот дека Роси овде прв пат триумфираше во далечната 1997 година, на мотор од 125 кубика. Ова му беше вкупно осма победа во Херез, што го прави најдобар возач во историјата на ова Гран При.
Зад тројцата најдобри возачи во моментов се пласираше Дани Педроса, кој имаше одличен старт, и во еден момент дури успеа да се пробие и пред Маркес.
На петтото место беше Алекс Еспаргаро, пред младиот Маверик Виналјес. Адутот на Дукати, Андреа Довициозо, се откажа на третата трка по ред, но честа на италијанската екипа ја сочува Андреа Јаноне со освојувањето на седмото место.
Бодови уште освоија и Пол Еспаргаро, Јуџин Леверт и Ектор Барбера.
Интересно е дека веќе по четири трки во сезоната, тројцата водечки возачи имаат остварено победи – Маркес две, Роси и Лоренцо по една.
Следната трка ќе се вози за две седмици во францускиот Ле Ман.

Најнови вести