Корисничко име Лозинка Пријави се
25.9.2017

Маркес агресивно до победа, Роси петти

Марк Маркес, возачот на Хонда, победи во 14-тата трка од шампионатот во Мото ГП. На Маркес ова му е трета победа во Арагон и втора последователна.

Петтата победа сезонава Маркес ја оствари пред Даниел Педроса и Хорхе Лоренцо. Маверик Вињалес од пол-позицијата пред трката, заврши на четвртото место, а Валентино Роси на петтото.
Марк Маркес до средината на трката имаше неколку инцидентни ситуации, ризикуваше и дури излетуваше од патеката, но се враќаше и на крајот со агресивно возење успеа да победи за 42 минути и шест секунди.
Педроса беше речиси секунда зад Маркес, а Лоренцо две секунди зад Педроса. Маркес сега во генералниот пласман има 224 бода, Андреа Довициозо има 208, Вињалес е трет со 196, а Педроса и Роси четврти и петти со 170, односно 168 бодови.
Алекс Еспаргаро, Андреа Довициозо, Алваро Баутиста, Јохан Зарко и Пол Еспаргаро ги комплетираат десетте најбрзи на Големата награда на Арагон.
Маркес во Арагон дојде до 34-тата победа во најсилната класа и по киксот во Велика Британија, успеа да покаже зошто е еден од најдобрите учесници на шампионатот во Мото ГП.
Валентино Роси покажа дека е нескршлив по тешката повреда на фибулата и на тибијата пред помалку од еден месец, се врати на моторот и заврши меѓу првите петмина. Долго време го држеше и четвртото место, но во последните кругови го престигна Маверик Вињалес.
Нема причина да биде незадоволен бидејќи само пред три седмици изгледаше дека нему сезоната веќе му заврши.
Следната трка е за Големата награда на Јапонија, на патеката „Твин ринг Мотеги“.

Најнови вести