Корисничко име Лозинка Пријави се
30.10.2017

Довициозо го одложи крунисувањето на Маркес

Италијанскиот мотоциклист Андреа Довициозо триумфираше на Големата награда на Малезија во Сепанг, на претпоследната трка во шампионатот во Мото ГП.

Лидерот во генералниот пласман Марк Маркес се мачеше со Хондата на влажниот коловоз, па трката ја заврши дури на четвртото место.
Одлуката за шампионот за 2017 година ќе биде донесена за две седмици во Валенсија, бидејќи Маркес има 21 бод повеќе од Довициозо, а победникот може да освои 25.
„Се плашев Хорхе да не ми побегне, но возев во добар ритам и држев мало растојание. Тој згреши и јас ја искористив шансата да ја преземам првата позиција. Му благодарам на тимот за одличната работа овој викенд“, изјави Довициозо.
Довицозо до најважната победа во кариерата дојде благодарение на грешката на неговиот тимски колега Хорхе Лоренцо, кој за малку ќе паднеше на пет круга пред  крајот.
„Задната гума беше константна во текот на целата трка, но предната малку зализгуваше. Една грешка беше доволна Довициозо да ме престигне, а иако го следев, не сакав да го ловам бидејќи сум задоволен со второто место, а мило ми е и за Андреа“, изјави Лоренцо.
Италијанецот победи на „Сепанг“ втора година по ред, шести пат оваа сезона на неговиот Дукати, а 17-ти во кариерата. Лоренцо низ целта помина како втор, а на победничкото место се искачи Јохан Зарко на Јамаха.
Петти беше Даниел Педроса, шести Данило Петручи, иако тргна од последната позиција, Валентино Роси стигна до седмата позиција, осми беше Џек Милер, пред Маверик Вињалес, а првите десет ги заокружи Пол Еспаргаро.
На Маркес за освојување на титулата, шеста во кариерата, му е потребно за две седмици во Валенсија да биде барем 11-ти.

Најнови вести