Корисничко име Лозинка Пријави се
07.12.2013

Реслер е нов тренер на Виган

Нов менаџер на Виган е Уве Реслер, кој на тоа место го замени Овен Којл со кој клубот спогодбено го раскина договорот во понеделникот.

Реслер ќе присуствува на натпреварот на Виган против Милвол во ова коло, додека официјалното претставување на новиот тренер е закажано за понеделник.
Претседателот на Виган, Дејв Велан, го изрази своето задоволство поради ангажирањето на Реслер. „Тој има многу јасна филозофија за играта и желба да учествува во долгорочните планови на клубот. Сметам дека тој може да постигне големи успеси во Виган.“
Реслер во својата играчка кариера, помеѓу другото, има настапувано за Динамо Дрезден, Нирнберг, Манчестер Сити, Кајзерслаутерн, а има и пет настапи за репрезентацијата на источна Германија. Тренерската кариера ја има започнато во Лилестрем, а во Виган доаѓа од третолигашот Брентфорд кој го доведе до четврто место во тој ранг на натпреварување.
Прогласен е за најдобар менаџер во ноември во третата англиска лига.
Виган пред ова коло се наоѓаше на четиринаесеттото место на првенството со 22 бода и далеку е од посакуваното враќање во елитата. Реслер на клупата на својот нов клуб ќе дебитира во четврток на натпреварот против Марибор во Лигата на Европа.

Најнови вести