Корисничко име Лозинка Пријави се
15.6.2017

Де Бјази го напушти кормилото на Албанија

Италијанскиот стручњак Џани де Бјази нема веќе да биде селектор на репрезентацијата на Албанија бидејќи поднесе оставка на таа функција.

Иако беше најавено дека Италијанецот ќе остане на клупата на Албанија до октомври, тој вчера изјави дека веќе нема да биде селектор.
„Долго размислував и одлучив веќе да не бидам селектор на Албанија. Ми се потроши горивото кое е потребно за да може од овие момчиња да го извлечам квалитетот кој нè испрати на Европското првенство во Франција, каде што можевме да го проживееме нашиот сон“, изјави некогашниот тренер на Удинезе, Леванте и на Торино.
Де Бјази изјави дека нема да преземе некој клуб, иако во текот на шесте години на местото селектор на Албанија имаше многу понуди. Тој додаде дека е уморен како и дека неговата оставка стапува на сила веднаш.
Де Бјази ја одведе Албанија на Европското првенство во Франција, каде што екипата изгуби во групата од домаќинот со 2-0, од Швајцарија со 1-0, додека првата победа на големите натпреварувања ја оствари против Романија (1-0).
Албанија во квалификациите за Светското првенство моментно го зазема третото место во групата Г, зад Шпанија и Италија. Албанците имаат девет бодови по шест одиграни натпревари, а во неделата го совладаа Израел на гостувањето со 3-0.

Најнови вести