Корисничко име Лозинка Пријави се
09.10.2012

Овен Којл доби отказ во Болтон

Болтон по разочарувачкиот старт на сезоната ја раскина соработката со тренерот, кој го водеше клубот од јануари 2010 година.

Катастрофалните резултати и само 11-те освоени бодови на првите десет натпревари во Шампионат лигата неминовно мораа да доведат до ова – Болтон и Овен Којл се разделуваат по соработка од две години и десет месеци.
„Овен со срце ја работеше оваа работа и на теренот и надвор од него, клубот го водеше со големо достоинство, иако беше тука и во некои предизвикувачки времиња. Сепак, сега е време за промена. Пред почетокот на сезоната поставивме цел и сакаме да се вратиме на вистинскиот колосек“, рече Фил Гартсајд, претседателот на Болтон, кој беше еден од најголемите поборници за работата на Којл.
Испаѓањето од Премиер лигата и само 18-тото место на табелата од понискиот ранг на натпреварување, сепак, не можеше да го предвиди.
„Секогаш се водев од интересите на клубот кон кого имам голема страст. Проживеав фантастични моменти во Болтон уште додека бев играч, а тренерската функција беше вистинска привилегија. На сите во клубот им посакувам сè најдобро“, порача Којл во прошталната порака.
Се очекува Којл привремено да го наследат Џими Филипс, тренерот на младинскиот погон, и шефот на академијата и директор за развој, Семи Ли.

Најнови вести